Оштетен Соборниот храм на Српската православна црква во центарот на Загреб, полицијата приведе маж

Непознато лице утрово го оштетило Соборниот храм на Српската православна црква (СПЦ) во центарот на Загреб, а полицијата привела маж кој се поврзува со вандализмот, соопштено е во Загреб.

Митрополија загрепчко-љубљанска соопшти дека утрово биле забележани траги од вандализам на Соборниот храм „Преображение Господово“ на загрепскиот Цветен плоштад и околу храмот.

Во соопштението се наведува дека непознато лице во текот на ноќта фрлало столици и други предмети од блиски угостителски објект кон влезот на храмот, оградата и портата.

„Скршен е стар витраж на храмот и уништено е влезното осветлување, со што е причинета материјална штета“, се наведува во соопштението.

Хрватските медиуми пренесуваат дека полицијата привела маж кој се поврзува со овој вандалски чин.

Пратеникот на Самостојната демократска српска партија, Милорад Пуповац, изјави за хрватската N1 телевизија дека „самата вест и чин се застрашувачки“, но дека не го изненадуваат.

Тој додаде дека не може да коментира за сторителот бидејќи нема информации, но посочи дека ваквите настани се случуваат во контекст на, како што рече, кампањи во дел од медиумите кои негативно ја прикажуваат Српската православна црква.