Над 140 милиони денари ќе треба да им бидат вратени на 26.000 граѓани кои биле оштетени од финансиски друштва за брзи кредити. Незаконското работење било утврдено по четиримесечна контрола спроведена од Државниот пазарен инспекторат.
Финансиските друштва имаат рок од 90 дена да им ги вратат средствата на оштетените граѓани, а во спротивно се соочуваат со дополнителни санкции, вклучително и затворање.
„Доколку финансиските друштва не ги информираат граѓаните и не ги вратат средствата, во рамки на законот ќе постапуваме до нивно затворање“, предупредуваат од Инспекторатот.
Со инспекцискиот надзор биле опфатени сите 27 лиценцирани финансиски друштва во земјава, при што било проверувано нивното работење во изминатите три години.
Инспекторите се соочиле со пречки при контролата на две големи финансиски друштва со подружници низ целата држава. Тие не ја доставиле потребната сметководствена документација, а било посочено и дека сметководството го водат надвор од земјава.
Од Левица реагираат дека задолжувањето преку брзи кредити добива „епидемиолошки размери“. Партијата тврди дека секој четврти граѓанин е задолжен со брз кредит, а профитот на финансиските друштва се зголемил од 23 на 230 милиони евра. Оттаму најавуваат и пакет од четири законски решенија.
И покрај констатираните неправилности и големиот број оштетени граѓани, надлежните институции засега не ги објавуваат имињата на финансиските друштва кај кои е утврдено незаконско работење.