Османи: Стратешки приоритет и на Северна Македонија и на Бугарија е регионот да се движи кон ЕУ

„Ние разговараме на дневна основа со Бугарија по однос на сите проблеми и загрижености. Не би сакал да навлегувам во детали на тоа што се разговара да им оставиме простор на работните групи да преговараат“, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешното обраќање пред новинарите пред Работниот појадок во организација на МНР, како дел од активностите во рамките на Заедничкото ко-претседавање на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.

Османи смета дека заедничкото претседателство со Берлинскиот процес ќе придонесе за понатамошно продлабочување на односите на двете земји и решавање на проблемите.

„Треба да се искориси оваа можност на Берлинскиот процес за понатамошно продлабочување на односите. Ова е историско копретседавање на Бугарија и Северна Македонија со Берлинскиот процес. Веќе реков дека Бугарија е сериозен спонзор на европската агенда во регионот. Софискиот самит беше важен. Сите ќе придонесеме за ова, затоа што ќе биде успех за двете земји, како и за Германија која претседава со ЕУ.

Не треба да има резерви како да се разговара со соседи и пријатели. Но ова е вистинскиот пристап. Оставањето на прашањата под тепих не ги решава сама по себе прашањата. Апсолутно отворено, пријателски, искажувајќи ги сензитивностите од наша страна, па од бугарска страна, и сметам дека ќе дојдеме до полесно разбирање.“, рече Османи кој што напомена дека е оптмист за решавање на сите отворени проблеми со Бугарија, и регионот да се движи кон ЕУ.

„Јас сум оптимист, знаеме колкав е влогот, сите сме свесни за важноста на овој процес, и стратешки приоритет е на двете држави да се движи регионот кон ЕУ“, рече Османи.

.

Извор: ТВ21