Осум пожари на отворен простор се регистрирани во текот на денешниот ден до 14 часот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, три се активни, еден е ставен под контрола, додека четири пожари се изгаснати.
Активни пожари има во општините Дебар, Куманово и Пехчево.
Во општина Дебар, пожарот е регистриран во близина на селото Гари, каде гори ниска вегетација и нискостеблеста мешана шума.
Во Куманово, пожар е активен во населбата Перо Чучо, каде е зафатена депонија и ниска вегетација, додека во Пехчево гори депонијата.
Под контрола е ставен пожарот во општина Пласница, во селото Дворци, каде била зафатена депонија.
Во текот на денот се изгаснати четири пожари. Екипите интервенирале во селото Казан Дол во општина Валандово, во Инџиково во општина Гази Баба, во Руѓинце во општина Старо Нагоричане, како и во близина на „Риал Компани“ во општина Врапчиште.
Надлежните служби продолжуваат со следење на состојбата и интервенирање на терен, особено поради високите температури и зголемениот ризик од ширење на пожари.