Најмалку 8 лица загинаа, а 45 се повредени во различни области на Јапонија поради обилните снежни врнежи што оваа недела го погодија брегот на Јапонското Море и североисточниот дел на Јапонија, јави јапонската телевизија NHK.
Најголем дел од загинатите и повредените се постари лица кои се занимавале со чистење на снегот и се здобиле со повреди при паѓање. Вакви случаи се забележани во префектурите Хокаидо, Акита, Јамагата, Ниигата и Ишикава. Поради снежните врнежи без струја остануваат околу 8.000 домаќинства во Ниигата, Ишикава и Хокаидо.
Според метеоролозите, обилните снежни врнежи долж брегот на Јапонското Море ќе продолжат. Во повеќе области се очекува врнежите од снег да бидат придружени со силен ветер.
Надлежните ги повикаа жителите на погодените подрачја да не излегуваат надвор освен ако има сериозна потреба да го сторат тоа.