Во Турција, во областа Јозгат, кај местото Усакли Хојуку во округот Соргун, каде што 2008 година почнаа површински истражувања и ископувања во 2012 година, е откриен мозаик кој бил направен пред 3.500 години, пренесува Агенцијата Анадолија.
Се состои од 3.147 камења, а неговата површина изнесува три на седум метри, а се чини дека се работи за историски најстариот мозаик пронајден досега.
Според директорот за култура и туризам Хусеин Чифтчи, мозаикот е постар од оние откриени во Грција, додека пак доц. д-р Анаклето Дагостино, од Универзитетот на Пиза и предводник на тимот за ископувања, смета дека мозаикот е од 16. век пр.н.е.
Заедничките ископувања ги спроведуваат Генералниот директорат за културно наследство и музеи во Турција, Универзитетот Бозок и италијанскиот Универзитет на Пиза.
„Научните испитувања покажаа дека мозаикот е прв ваков во историјата. Мозаичниот калап го потврдува ова, бидејќи е доста оригинален. Планираме да го вклучиме ова место во туристичките понуди“, рече Чифтчи.
Инаку, мозаикот е стара и добро позната техника на сликање, којашто се изведува со редење шарени, (повеќе или помалку) доследно наредени коцки од камен, обоено стакло или ќерамика.