Основниот суд во Битола донесе одлука за отворање на стечајна постапка над друштвото СН Осигурителен Брокер АД Битола, по предлог на Управата за јавни приходи – Регионална дирекција Битола, поради неплатени долгови.
Решението е донесено на 15 мај 2025 година, а стечајната постапка официјално започна истиот ден, во 12:00 часот. Судот утврдил дека должникот подолг период е неспособен да ги подмирува обврските, што е основ за отворање стечај.
За стечаен управник е назначен Зоран Пеjчиновски, кој е именуван и за извршен член на одборот на директори. Како неизвршен член на одборот е назначен Христо Кондовски.
Судот наведе и список на доверители со побарувања кон друштвото, меѓу кои се јавни институции, банки, компании и други правни субјекти. На доверителите им е даден рок од 30 дена да ги пријават своите побарувања.
Испитното рочиште и првото собрание на доверителите се закажани за 26 јуни 2025 година во 11:00 часот, во Основниот суд во Битола. Судот воедно донесе и привремени мерки за обезбедување на имотот на друштвото и забрани за располагање со средствата.
Со оваа одлука формално започнува постапката за расчистување на обврските на СН Осигурителен Брокер и евентуално распределување на неговиот имот кон доверителите.
