Едниот земал одмор, а вториот боледување. Но и двајцата биле во посета на бегалецот Никола Груевски во Будимпешта. Двајцата вработени во Царинската управа се препознаени на фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи, а потоа и во медиумите во друштво во Груевски во главниот град на Унгарија. Александар Трајковски, кој што е еден од обвинетите во случајот „Насилство во Општина Центар“, е фотографиран како се шета низ градот со Груевски, додека вториот вработен во Царинската управа, чиј што идентитет се уште не е познат, седи со екс премиерот во елитен ресторан. За двајцата е покрената истрага од страна на внатрешната контрола во Царинската управа.
„Дали некој патува во приватен аранжман, дали патува во Будимпешта, или во друга држава тоа е лично право на самиот вработен. Во однос на конкретните случаи кои ги спомнавте ние за двајцата вработени имаме отворено истрага од страна на Секторот за внатрешна контрола кој ќе утврди дали имало или немало злоупотреби“, вели директорот на царинската управа Ѓоко Танасоски.
Првиот човек на Царина вели дека не може како директор да ги контролира вработените во слободните денови или по работното време каде патуваат. Сепак, додава дека доколку биде откриено дека има злоупотреба со отвореното боледување ќе следуваат санкции.
„Легитимациите кои ги имаат царинските службеници кога одат во приватни посети не можат да ги користат за добивање на било какви привилегии. Јас досега немам такви информации, ниту пак во овие случаи е постапено со некои привилегии затоа што биле царински службеници“, додаде Танасоски.
Второто лице кое исто така било препознаено од фотографиите денот кога бил во Будимпешта користел денови од годишниот одмор. Танасоски вели дека веќе од обвинителството побарале соработка со Царинската управа, а со оглед на тоа дека има предистражна постапка, не може да открива повеќе детали. Откако двете лица се вратиле од Будимпешта, редовно одат на работа.
На последното судење за случајот „Насилство во Центар“, судијата бараше докази зошто Трајковски бил во Будимпешта. Тој се правдаше дека бил на преглед за синусите за што судијата побара да достави и медицински белешки. Никола Груевски на 11 ноември избега од Македонија. Побара и доби политички азил во Унгарија. Тој е осуден на двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“, а распишана е и меѓународна потерница. Македонија од Унгарија побара екстрадиција, но конкретен одговор се уште нема.
