Овие три пијалоци помагаат во спречување на рак

Кога станува збор за превенција на рак, најчесто се споменуваат промени во животниот стил, редовни прегледи и навики во исхраната. Сепак, според гастроентеролог обучен на Харвард, д-р Саураб Сети, одредени напитоци исто така можат да имаат значајна улога во намалување на ризикот од развој на оваа болест. Иако ниту еден напиток не може да делува како волшебен штит, е докажано дека оние кои ги препорачува поседуваат антиинфламаторни и антиоксидативни својства.

Зелен чај

Зелениот чај често се нарекува „супернапиток“ затоа што е богат со антиоксиданси како катехини, особено епигалокатехин галат (EGCG). Истражувањата сугерираат дека може да го успори растот на одредени канцерогени клетки, како рак на дојка, простата и дебело црево. Сепак, научниците предупредуваат дека само пиењето зелен чај не може да го спречи ракот. Негова главна корист е намалување на хроничната инфламација и оксидативниот стрес, кои се поврзани со развојот на болеста. Топла шолја дневно може да биде едноставен начин за поддршка на природната одбрана на телото, тврди гастроентерологот, пренесува Times of India.

Зелен смути

Мешавина од спанаќ, краставица, целер и ѓумбир често се промовира како напиток за детоксикација. Вистинската сила на овој смути е во неговата нутритивна вредност. Спанаќот и целерот обезбедуваат фолат и влакна, поврзани со помал ризик од гастроинтестинални карциноми. Д-р Сети истакнува дека краставицата обезбедува хидратација и антиоксиданси, додека ѓумбирот носи антиинфламаторни соединенија како ѓинџерол. Заедно, овие состојки ја поддржуваат телесната функција и помагаат во контролата на инфламацијата.

Лате од куркума со додаток на пипер

Куркумата е позната по куркуминот, соединение кое се поврзува со успорување на растот на канцерогените клетки. Додавањето црн пипер ја зголемува нејзината апсорпција благодарение на пиперин. Лабораториските студии покажале ветувачки резултати, но клиничките докази кај луѓето сè уште се развиваат. Ефектите не се толку драматични како што понекогаш се прикажуваат на социјалните мрежи. Сепак, редовното пиење на лате од куркума може да придонесе за антиинфламаторен начин на живот и да го намали ризикот од хронични болести, тврдат експертите.

Пред воведување било какви значајни промени во исхраната или животниот стил, секогаш консултирајте се со квалификуван здравствен стручњак.