Македонија

Овоштарите од Пијанец побараа решавање на проблемот со откупот на модра слива

Овоштарите од Пијанец побараа решавање на проблемот со откупот на модра слива

Со двочасовно блокирање на регионалниот пат Делчево – Пехчево – Берово сопственици на насади со модра слива денеска го изразија незадоволството од, како што велат, немањето организиран откуп за најзастапена овоштарска култура во Пијанец и Малеш.

-Нема откуп и трговци како другите години. Во однос на цената предлагам агрономи и економисти во Министерството да седнат и да пресметаат на хектар на декар или на кило произведено слива колку трошоци имаме почнувајки од резидба, берба, прехрана, заштита и да видат дали се доволни шест денари, ако се осум денари дали и тие осум денари се доволни и ако не се доволни остатокот да биде покриен и да пуштат некое денарче да преживееме од берба до берба ништо повеќе не бараме, вели овоштарот Атанас Ангеловски од делчевското село Град.

На територијата на Пијанец производството се движи од 10 до 15 илјади тони модра слива, Ангеловски на својот имот работи околу 25 хектари овошни насади од кои повеќето круши, сливи и вишни. Вели дека неговите деца кои се академски граѓани, поради ваквите проблеми, размислуваат со сиот тој имот да ја напуштат државата и да печалат во странство.

-Пред две-три години исто протестиравме тогаш дадоа субвенции на откупувачите и така некако тргна работата. Моментално онаму каде се откупува сливата во вреќа е 6 денари за килограм, во гајба е осум денари за преработка, а во дрвена гајба од 10 до 12 денари, така барем велат тамошните производители, ние бараме минимум 12 денари, додава Ангеловски.

Во Пијанец, како што додаде производителот Исус Десподовски од делчевското село Вирче се потребни преработувачки капацитети од типот на сушари и дестилерии, во спротивно според него проблеми со пласманот на сливата ќе има постојано.

-Во спротивно ќе дојде до разочарување ќе се запустат овоштарниците и ќе се запусти се. Во 2018 година имавме ветување дека ќе отворат преработувачки капацитети дестилерија и сушара, но од тоа не видовме ни најава. За протестот имаме поддршка од сите и од овоштарите од Малашевијата, каде има една сушара која минимално може да го задоволи капацитетот. Но тука е потребна сушара или дестилерија која ќе го собере родот и други преработки, а државата преку јавно приватно партнерство ќе интевренира, вели Десподовски.
За надминување на ваквата состојба производителот Јованчо Медарски предлага брза средба помеѓу министерот и овоштарите.

-Бараме министерот да организира средба со овоштарите и да каже има ли перспектива овоштарството или како што кажаа луѓето да извадиме да искубеме се од нивите и да го баталиме овоштарството, па нека си баарат чаре луѓето. Имаме наводно некоја прграма да ги вратиме младите, а всушност правиме програма да ги избркаме младите, дециден е Медарски.
Производителите апелираа да не се дозволи сливата да „легне“ по нивите па проблемите да бидат уште поголеми. Со протести најавија дека ќе продолжат се до оној момент додека не го добијат она што го бараат. Од подрачната канцеларија на МЗШВ истакнаа дека со производителите е оджан констуктивен разговор, а нивните барања веќе се проследени до Министерството со цел да се изнајде решение за проблемот кој го имаат производителите на најпознатиот Пијанечки бренд модрата слива.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни