По турбулентниот раст на цените во изминатите денови, глобалните пазари на енергенси денеска бележат пад, откако беа најавени мерки за стабилизирање на транспортот и снабдувањето со нафта.
Цените на нафтата се намалија откако водечките европски земји и Јапонија понудија поддршка за обезбедување безбедно поминување на бродовите низ Ормускиот теснец – клучна поморска рута низ која се транспортира околу една петтина од светската нафта. Дополнително, САД презентираа мерки насочени кон зголемување на понудата на енергенси, што дополнително влијаеше врз смирување на пазарите.
Сепак, нестабилноста останува присутна, особено по вчерашниот нагол раст на цените, кој беше поттикнат од новите тензии на Блискиот Исток. Иран возврати на израелски напад врз големо гасно поле со напад на катарскиот објект Рас Лафан, еден од најважните центри за преработка на течен природен гас, каде се обработува околу една петтина од глобалното производство.
Нападот предизвика значителна штета, за чие санирање, според проценките, ќе бидат потребни години.
Дополнително, вчера беше нападнато и главното пристаниште на Саудиска Арабија на Црвеното Море, кое земјата го користи како алтернативна рута за извоз на нафта со цел да го заобиколи Ормускиот теснец.
И покрај денешното намалување на цените, аналитичарите предупредуваат дека ситуацијата останува неизвесна и силно зависна од развојот на геополитичките случувања во регионот.
