Македонија

Падна рекорд стар 36 години: Вчерашното невреме го донесе најсилниот ветер во Скопје од 1990 година

Падна рекорд стар 36 години: Вчерашното невреме го донесе најсилниот ветер во Скопје од 1990 година

Силното невреме кое вчера ја парализираше скопската котлина донесе оркански ветер со брзина од 130 километри на час, што претставува најсилен удар на ветер во главниот град во последните 36 години.

Како што појаснуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), вчерашниот ветер според класификацијата за јачина спаѓа во категоријата оркан или ураган. Станува збор за екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и зад себе остава силни разорувања и големи штети.

Последен пат толку силен ветер во главниот град бил измерен во февруари 1990 година. Тогаш УХМР регистрирал историски рекорд за Скопје со брзина на ветерот од 147 километри на час. Од тогаш, па сè до вчерашниот буреносен бран, повеќе од три и пол децении во Скопје немало толку силни удари.

Иако Скопје претрпе огромен налет, главниот град не беше единствениот под удар на орканот:

  • Штип: Максималната брзина на ветрот во државата вчера била измерена токму во Штип во 17:00 часот, каде орканот дувал со дури 134 километри на час со правец запад-северозапад.
  • Ново Село (Струмица): Ветер со идентична разорна јачина како скопскиот, од 130 километри на час, е регистриран и на метеоролошката станица во ова струмичко место.

За споредба со апсолутните рекорди на ниво на цела држава, од УХМР посочуваат дека максималната брзина на ветер во Македонија е измерена исто така во Штип во јули 2012 година, кога инструментите покажале неверојатни 155 километри на час.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни