Денес, амбасадорот Дejвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Горан Трајковски, градоначалник на Делчево и Душко Христов, претседател на Банка за храна, поделија пакети со храна на 30 социјално ранливи семејства во Делчево.
По повод православниот Божиќ, Делегацијата на Европската Унија и Банка за храна организираа заедничка акција за достава на пакети со храна до 30 социјално ранливи семејства во Делчево. Дел од пакетите беа предадени во Домот на културата, а останатите беа доставени лично од амбасадорот Гир и градоначалникот Трајковски кои ги посетија семејствата во нивните домови. Меѓу семејствата беше и едно згрижувачко семејство во кое е сместено деинституционализирано лице.
Храната ја донираа вработените од Делегацијата на ЕУ и од Јуроп Хаус во Скопје, Крива Паланка и Струмица, како и младите европски амбасадори и Банка за храна. При испораката помагаше и локален партнер, Регионалниот центар за застапување од Делчево.
Акцијата исто така има за цел да ја истакне потребата од законско регулирање на донациите на храна, како и да ја зголеми свеста за важноста на процесот на деинституционализација и целосно вклучување на лицата со попреченост во општествените случувања.