Парацетамол откриен во кисели краставички – прв ваков случај во Европа

Парацетамол е откриен во кисели краставички увезени од Индија во Словенија за време на рутинска инспекција на зимската жетва.

Ова е прв ваков случај во Европа.

Присуството на лекот за намалување на температурата е потврдено со дополнителна анализа во приватна лабораторија. Концентрацијата на лекот, според анализата на примероците, била речиси 30 милиграми на килограм.

Управата за безбедност на храната спроведува надзор на нови добавувачи на храна од трети земји, проверувајќи ја безбедноста и усогласеноста на пратките со европските прописи. За време на официјалниот надзор, земени се мостри од пратка краставици од Индија, увезени од компанијата AHAC d.o.o.

Краставиците не стигнале до потрошувачите – целата количина од 15.200 килограми била чувана во магацинот на увозникот и ќе биде уништена.

Хрватскиот државен инспекторат објави дека спорните кисели краставички не биле дистрибуирани во Хрватска.

Според нив, досега во Хрватска не се регистрирани случаи на парацетамол во храната.