Свет

Парламентарни избори во Унгарија, Орбан пред предизвик

Утрово беа отворени избирачките места во Унгарија, каде граѓаните гласаат на парламентарните избори на кои долгогодишниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес се пред најголемиот предизвик досега.

За разлика од претходните изборни циклуси, кога убедливо победи, 58-годишниот Орбан сега има сериозен ривал, разновидна коалиција Обединети за Унгарија, шестпартиска алијанса предводена од мандатарот Петер Марки-Зај, 49-годишен -стар економист.

Анкетите покажуваат дека Фидес има мала предност, но дека исходот од изборите е неизвесен. Според анкетата спроведена од 23 до 25 март, владата на Орбан ја поддржуваат 44 отсто од гласачите, а опозицијата 42 отсто, со маргина на грешка од 3,5 отсто.

Заради изборниот систем опозицијата треба да победи со три до четири процентни поени за да има мнозинство во парламентот, а според експертите многу е тешко да се процени исходот, пренесува Франс прес.

Од 199 пратеници во унгарскиот парламент, 106 се избираат по принципот на мнозинството, така што во 106 изборни единици победува кандидатот со најмногу гласови. Останатите 93 пратенички места се доделуваат на избори на кои се натпреваруваат партиски листи.

Прагот за влез на листата во парламентот е пет проценти од дадените гласови, десет проценти во случај на коалиција од две партии и 15 проценти за сојузи на три или повеќе партии.

Право на глас на изборите имаат унгарските државјани кои живеат во странство, како и повеќе од милион етнички Унгарци кои живеат во соседните земји. Орбан им даде право на глас на двете категории избирачи, со промена на изборниот закон, со кој неговата партија обезбеди стотици илјади гласови.

Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) испрати набљудувачка мисија во Унгарија за следење на изборите, откако претходната 2018 година ја опиша како „слободна, но неправедна“.

Унгарците денеска гласаат и за референдум, одговарајќи на четири прашања поврзани со неодамнешниот закон против ЛГБТ +, кој забранува разговор со лица помлади од 18 години за промена на полот и хомосексуалноста.

Избирачките места се затвораат во 20 часот, но резултатите не се очекуваат пред полноќ, изјави вчера владиниот портпарол. Се очекува висока излезност над 70 отсто.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни