Балкан

Патник од евакуираниот авион во Сплит опиша што се случувало: „Траеше 10 минути“

Патник од евакуираниот авион во Сплит опиша што се случувало: „Траеше 10 минути“

Патниците од летот на „Ер Србија“ од Сплит кон Белград денеска биле евакуирани од авионот откако еден патник кажал дека во леталото има бомба, а потоа рекол дека се шегувал. Поради лажната дојава интервенирала полицијата, а 75-годишниот маж бил уапсен.

Еден од патниците, Винко Пајиќ, подетално раскажал што се случувало пред планираното полетување во 15:20 часот. Тој вели дека сите патници нормално се качиле во авионот и дека во тој момент сè уште не биле прикажани ниту безбедносните упатства.

Полицијата го уапсила постариот маж

Пајиќ раскажал дека приближно во времето предвидено за полетување забележал како во авионот влегуваат двајца полицајци во униформа, а зад нив уште неколку лица.

„Во првите редови седеше еден постар господин, со проседа коса, и полицајците го изведоа од авионот“, раскажал Пајиќ.

Откако мажот бил изведен, тој ја прашал стјуардесата што се случува.

„Ми кажа дека тој човек го спомнал зборот бомба и дека итно ќе нè евакуираат од авионот“, рекол Пајиќ.

Патниците биле евакуирани

Според неговите зборови, од моментот кога патникот бил изведен од авионот до почетокот на евакуацијата поминале околу десет минути.

Пилотот им најавил на патниците дека ќе мора да го напуштат леталото, по што еден по еден излегле и со автобус биле однесени подалеку од авионот.

Од сплитско-далматинската полиција потврдиле дека патникот бил уапсен.

„На аеродромот денеска е уапсен 75-годишен патник кој околу 15:25 часот, додека се наоѓал во авионот пред полетувањето, му кажал на персоналот дека во авионот има бомба, а потоа рекол дека се шегува“, соопшти полицијата.

Оттаму додале дека авионот, како и патниците и нивниот багаж, повторно ќе бидат прегледани пред продолжувањето на патувањето.

Околу 18:45 часот Пајиќ изјавил дека патниците повторно се вратиле во авионот.

„Еве, влеговме во авионот пред 15 минути. Во моментов ги слушаме безбедносните упатства, а би требало да полетаме за пет до десет минути“, рекол тој.

Авионот кратко потоа полетал кон Белград.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни