Македонија

Пациентите ќе плаќаат значително помалку: Три антикоагулантни лекови ставени на позитивната листа

Пациентите ќе плаќаат значително помалку: Три антикоагулантни лекови ставени на позитивната листа

Граѓаните кои користат терапија за спречување на згрутчување на крвта од почетокот на месецов ќе можат многу поевтино да ги набавуваат дел од потребните лекови. Од 1 јули на позитивната листа се додадени три нови антикоагулантни лекови – „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кои веќе се достапни во аптеките, соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.

Тој појасни дека за „еноксапарин“ се достапни два бренда, за „надропарин“ еден, а во почетната фаза и за „ривароксабан“ ќе биде достапен еден бренд.

Според Клековски, „еноксапарин“ и „надропарин“ досега се набавувале преку постапка за рефундација, но отсега ќе се издаваат со рецепт од лекар специјалист преку позитивната листа. Наместо досегашната цена од 1.100 до 2.700 денари, во зависност од дозата и пакувањето, осигурениците ќе плаќаат само партиципација од 160 до 240 денари. Еден од брендовите ќе биде достапен без доплата, додека за вториот ќе има можност за доплата по избор на пациентот.

За првпат на позитивната листа е ставен и „ривароксабан“, чија досегашна цена се движела меѓу 2.000 и 2.200 денари. Сега лекот ќе се издава со партиципација од 160 денари, а во преодниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари, во зависност од дозата и бројот на таблетите. Кај најчесто користеното пакување од 10 милиграми со 30 таблети, пациентите ќе заштедат 1.752 денари. Од 1 јануари 2027 година, најави Клековски, лекот ќе биде достапен без доплата, односно ќе се плаќа само партиципација.

Тој информираше дека поради прилагодувањето на аптеките на новиот систем, Фондот ќе продолжи да прифаќа барања за рефундација на антикоагулантните лекови во периодот од 1 до 15 јули.

Осврнувајќи се на употребата на „клексан“, Клековски рече дека овој лек, кој најчесто се користи во бременост и кај пациенти со ризик од тромбоза, во иднина ќе се препишува по построги индикации. Сепак, како што нагласи, конечната одлука останува кај лекарот специјалист.

Тој додаде дека „еноксапарин“ и „надропарин“ ќе продолжат да бидат достапни и во болнички услови, како и за продолжено лекување по отпуштањето на пациентите.

Клековски потсети дека овие лекови требаше да бидат ставени на позитивната листа уште на почетокот на годинава, но постапката била одложена поради административни причини.

На прес-конференцијата тој најави и дека во наредниот период ќе се работи на проширување на позитивната листа со нови терапии за хронична опструктивна белодробна болест, астма, хронична бубрежна инсуфициенција, дијабетес и срцева слабост. Клековски е предложен за нов министер за здравство, а изборот на новите министри во реконструираната Влада е закажан за 13 јули.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни