Од жените се очекува да раѓаат и да придонесуваат за наталитетот, додека институциите не им обезбедуваат доволна заштита од насилство, оцени граѓанската активистка Анастасија Павловска во „Ноќно студио“ на 4TV.
Таа упати критика кон односот на актуелната, но и на претходните власти кон жените, посочувајќи дека повиците за мајчинство мора да бидат придружени со услови за безбеден живот.
„Јас како жена, и верувам многу мои соборки, се чувствуваме дека сме доживувани само како машини за раѓање, да го одржуваме наталитетот, да ја одржуваме економијата“, рече Павловска.
Според неа, жените се соочуваат со институционални пропусти на повеќе нивоа — од заштитата од насилство до остварувањето на работничките права. Во тој контекст ги спомена и земјоделките, оценувајќи дека поддршката од надлежните институции е недоволна.
Павловска нагласи дека проблемот не е само во потребата од законски измени, туку и во неспроведувањето на постојните механизми за заштита. Како што посочи, жените се повикуваат да го пријават насилството, но по пријавувањето не секогаш добиваат сигурност дека насилникот нема повторно да им се доближи или да им се заканува.
Таа предупреди дека ваквите искуства ги обесхрабруваат жртвите и ја продлабочуваат недовербата во системот.
Според Павловска, државата треба да создаде услови во кои жените ќе се чувствуваат безбедни во своите домови, на улица и на работните места. Заштитата од насилство, порача таа, е граѓанско право, а институциите имаат должност да го обезбедат.