Под мотото „Сите нека знаат“, низ улиците на главниот град денеска се одржа Скопје Прајд 2027, собирајќи илјадници граѓани, активисти и поддржувачи на човековите права. Настанот беше обележан со пораки за еднаквост, слобода и отпор кон дискриминацијата, а меѓу говорниците се обрати и Анастасија Павловска од движењето „Кој е Следен“.
Во својот говор, Павловска ја истакна љубовта како една од најважните вредности во животот и како сила што се спротивставува на неправдите и поделбите во општеството. Таа остро го критикуваше системот кој, според неа, не успева да ги заштити граѓаните и често придонесува кон страв, омраза и исклучување.
„Не е приватна работа кога не можеш да најдеш работа поради тоа што си. Не е приватна работа кога не можеш да ги оствариш истите права како и другите граѓани“, порача Павловска, осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочуваат ЛГБТИ+ лицата во секојдневниот живот.
Таа нагласи дека Парадата на гордоста не е само прослава, туку и чин на храброст и отпор. Според неа, потребна е храброст да се сака и да се биде свој во средина која сè уште поставува бариери пред различностите.
Во говорот беше испратена и порака дека борбата за промени во општеството не може да се одвои од борбата за љубов, грижа и солидарност. Павловска ја опиша љубовта како „најреволуционерното нешто што го поседуваме“, нагласувајќи дека таа претставува одбивање да се остане рамнодушен кон неправдите.
„Ние денес не бараме дозвола да сакаме. Го славиме и го присвојуваме назад она што отсекогаш било наше – правото да сакаме, правото да бидеме сакани и правото да живееме без страв“, рече таа пред присутните.
Настанот заврши со пораки за заедништво, солидарност и отпор кон омразата. Учесниците упатија повик за општество во кое секој човек ќе може слободно и достоинствено да живее, без оглед на својата сексуална ориентација, родов идентитет, етничка или верска припадност.
Скопје Прајд 2027 уште еднаш ја испрати пораката содржана во годинашното мото – „Сите нека знаат“ – дека љубовта, еднаквоста и човековото достоинство не се привилегија, туку основно право на секој човек.