Пчеларството во Македонија станува сè поатрактивна дејност, привлекувајќи нови производители и инвестиции, особено во руралните средини. Во изминатата деценија, бројот на пчелни семејства бележи значителен раст, што укажува на засилен интерес за оваа гранка од земјоделството.
Според најновите податоци, во земјава се регистрирани околу 306 илјади пчелни семејства, што е четирикратно зголемување во споредба со состојбата пред десет години. Најголем придонес за овој тренд имаат релативно ниските почетни вложувања, како и државните субвенции и програмите за рурален развој, кои ги мотивираат граѓаните да се занимаваат со пчеларство.
Сепак, и покрај позитивниот раст, секторот се соочува со сериозни предизвици. Климатските промени директно влијаат врз приносот, а дополнителен проблем претставува и недостигот на медоносни растенија на земјоделските површини. Пчеларите алармираат и за појавата на вештачки мед на пазарот, што ја нарушува конкуренцијата и довербата кај потрошувачите.
Иако македонскиот мед има потенцијал да стане препознатлив бренд со географско потекло и да се пласира на странските пазари, клучна пречка останува недоволно развиениот систем за контрола на квалитетот. Недостигот од акредитирани лаборатории според европските стандарди го отежнува процесот на извоз и сертификација.
Најголем развој на пчеларството се забележува во југозападниот, полошкиот и североисточниот регион, додека скопскиот регион и натаму заостанува во оваа дејност. Сепак, експертите сметаат дека со соодветна поддршка и подобра организација, пчеларството може да стане една од клучните гранки во македонското земјоделство.
