Македонија

Здравството со нови мерки: Лекови за одвикнување од пушење за првпат на есенцијалната листа

Здравството со нови мерки: Лекови за одвикнување од пушење за првпат на есенцијалната листа

По повод Светскиот ден без тутун, Министерството за здравство, во соработка со Институтот за јавно здравје и Светската здравствена организација, се приклучи на глобалната кампања под мотото „Разоткривање на привлечноста – спротивставување на зависноста од никотин и тутун“.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека заедно со СЗО, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалната самоуправа и здравствените домови, веќе се спроведуваат координирани активности насочени кон зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво.

Тој посочи дека една од клучните новини е ажурираната есенцијална листа на лекови, на која првпат се вклучени препарати за одвикнување од пушење – трансдермални фластери и никотински гуми за џвакање. Целта, како што нагласи, е тие да станат подостапни за граѓаните и почесто препишувани од матичните лекари.

„Со ова сакаме да ја зголемиме нивната достапност, да бидат подобро препознаени и од јавноста и од фармацевтскиот сектор, како и да се поттикне нивната поширока употреба“, рече Алиу на прес-конференција.

Паралелно со овие мерки, Министерството работи и на нов закон за заштита од употреба на тутун и сродни производи, усогласен со европските регулативи, кој треба системски да ја зајакне заштитата на јавното здравје.

Алиу додаде дека фокусот останува на зајакнување на советувалиштата за откажување од пушење, подобрување на системот за упатување и континуирана поддршка за граѓаните, со посебен акцент на младата популација.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни