Иранското Министерство за надворешни работи ги осуди американските напади на југот од земјата извршени во текот на ноќта, обвинувајќи го Вашингтон дека го поткопува примирјето.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаеи, во соопштение порача дека Иран е решен да одговори на нападите во согласност со своето право на самоодбрана.
Багаеи го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп, кој се закани со уништување на Оман доколку таа заливска држава „не се однесува пристојно“.
„Оман ќе се однесува како и сите останати. Или ќе мораме да го разнесеме. Тие тоа го знаат“, изјави Трамп во средата, реагирајќи на медиумски написи за разговори меѓу Иран и Оман околу заедничко регулирање на Ормускиот теснец.
Багаеи изјави дека Оман доследно играл „конструктивна, ефективна и одговорна улога за мир и безбедност во регионот“. Заканите со насилство, додаде тој, се „опасен знак за нормализација на беззаконието и политиката на сила“.
Иранските вооружени сили ја презеле контролата врз стратешки важниот Ормуски теснец кратко по почетокот на војната. Трамп побарал веднаш да се отвори клучната рута за глобалните испораки на нафта и гас како дел од било каков договор со Техеран, инсистирајќи дека теснецот не треба да биде под контрола само на една држава.
Сè уште многу малку бродови минуваат низ Ормускиот теснец
Многу мал број бродови минуваат низ тесниот морски премин меѓу Иран и Оман. Бродските компании мора да се координираат со иранските власти и им е дозволено да користат само коридор блиску до иранскиот брег, при што Техеран наплаќа високи транзитни такси.
Експерти за меѓународно право наведуваат дека наплатата на такви такси го нарушува правото на транзитен премин според поморското право.
Соединетите Американски Држави и Иран повторно се нападнале меѓусебно во близина на Ормускиот теснец рано во четврток, и покрај примирјето што стапи во сила на 8 април и тековните мировни преговори за завршување на тримесечниот конфликт.
Американски функционер изјавил дека силите погодиле иранска позиција на дрон во близина на Бандар Абас и собориле четири дронови, додека иранските медиуми јавиле дека Револуционерната гарда нападнала американски нафтен танкер и го принудила да се врати.