По синоќешното издание на дебатниот магазин Click Plus на ТВ21, во кое Бедри Ајдари рече дека Пендаровски му рекол дека ако се открие вистината „Монструм“ може да има војна, реагираше претседателот на дражавата, Стево Пендаровски.
„Претседателот Стево Пендаровски ја разбира болката на семејствата кои ги изгубија своите деца и најблиски во убиството кај Смилковско езеро, како и желбата на семејствата на обвинетите да се открие вистината за целиот тој настан.
Претседателот Пендаровски секогаш се залагал и за овој и за сите други кривично-правни настани вистинските извршители да ја добијат заслужената казна и никој невин да не лежи во затвор, ако за тоа нема докази утврдени во судска постапка.
Меѓутоа, претседателот Пендаровски, во врска со случајот „Монструм“, никогаш немал средба со семејствата на обвинетите, ниту пак има какви било информации и сознанија во врска со убиствата, добиени од домашни институции или од странски извори, ниту во периодот пред да биде избран за претседател ниту потоа.“, велат од кабинетот на претседателот.
Бедри Ајдари, роднина на еден на осудените во случајот „Монструм“, синоќа гостуваше во „Клик Плус“ на ТВ21 каде што се дебатираше за овој случај за кого вчера беа искажани завршните зборови.
„За време на протестите на шарена револуција во 2016 година пред Собранието се сретнавме со Стево Пендаровски, сегашен претседател, тогашен пратеник. Го прашавме што се случува со „бомбите“ за Монструм. Пендаровски ни рече цитирам: ‘на еден состанок присуствуваше еден Американец кој ми рече дека за Монструм ќе се поттикне војна, со тоа што ќе разберат луѓето кои се вистинските убијци и кои се нарачателите и виновниците. Тогаш сите заедно, и Македонци и Албанци ќе отидат пред влада и ќе има крвопролевање, затоа што ќе сакаат Груевски да го фатат за гуша и да го прашаат зошто го нарача овој монструозен чин, кој ќе доведе до војна’. Ова му го кажувам јавно на Пендаровски тука во ова студио, а можам да го кажам и било каде “, рече Ајдари.