Пендаровски и Шеќеринска за тоа ако нема датум: „Ништо драматично нема да се случи“

Имаме уште два дена до одлуката на Европскиот совет дали ќе добиеме датум за почнување преговори и јас се уште верувам дека ќе има позитивен исчекор. Но, доколку не биде така, ништо драматично нема да се случи и евроинтеграцијата останува единствена опција за Северна Македонија. Ова го изјави претседателот на држава Стево Пендаровски додавајќи дека државниот врв лобира до последен момент за старт на преговорите и формулација која ќе ги вреднува напорите на земјава во изминатиот период.

„Стануваше збор да добиеме што е можно порано датум за преговори за да можеме да влеземе во подлабоки реформи со асистенција од Брисел. Во однос на стратешката насока ако не добиеме сега датум за преговори мислам дека е апсолутно јасно дека ова е најдобрата опција и дека ние и понатаму како држава сосема независно, која Влада кој претседател кои се релевантни политички субјекти ние мораме натаму да продолжиме да работиме на наше целосно асоцирање во Европската унија“, рече Пендаровски.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на прашањето колку е можно недобивањето датум да ја разниша владината коалиција со ДУИ и со тоа и да се случи пад на Владата, рече дека нема такви сигнали. Според неа до тоа не може да дојде бидејќи како што истакна, коалициските партнери кои стојат зад Владата имаат консензус по двете стратешки прашања членство во НАТО и во Европската унија.

„Единствената причина или единствената бариера која стои помеѓу нас и почетокот на преговори со Европската унија не се нашите задачи, тоа дури и најскептичната земја Франција го кажа. Од наша страна нашите обврски се завршени, единственото што стои помеѓу нас денеска и почетокот на преговорите е реформата која што Франција ја заговара, ја предвидува и ја бара и во поглед на внатрешните состојби во Унијата, но и во поглед на самиот процес на проширување.“, изјави Шеќеринска.

Вчера премиерот Заев од Виена порача дека ако не ги почнеме преговорите со Европската унија, Владата би била „мртва“ и дека ќе има големо разочарување кај граѓаните, но и пратениците кои гласале за уставните измени и Договорот од Преспа.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното