Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ја обвини Кина за „дестабилизирачки дејствија“ во Јужнокинеското Море и вети поддршка за земјите од Југоисточна Азија во форма на нови технологии и заеднички одговор на кинеските закани.
За време на состанокот со министрите за одбрана на АСЕАН во Куала Лумпур, Хегсет рече дека Кина „покажува непочитување и се заканува на територијалниот суверенитет“ на соседните земји и предложи изградба на заеднички систем за поморски надзор.
„Треба да развиеме заеднички капацитети и механизми за брзо реагирање на агресија. Никој не може да иновира како САД, а ние сакаме да ги споделиме тие капацитети со нашите партнери“, рече Хегсет.
Неговите коментари дојдоа еден ден откако САД, Австралија, Нов Зеланд и Филипините одржаа заеднички воени вежби во Јужнокинеското Море, што Пекинг го нарече „закана за мирот и стабилноста“.
Кина тврди дека го поседува речиси целото Јужнокинеско Море, иако нејзините мапи се преклопуваат со економските зони на Брунеи, Индонезија, Малезија, Филипините и Виетнам. Пекинг инсистира дека нејзината крајбрежна стража дејствува професионално и во одбрана на кинеската територија, според Ројтерс.
Посетата на Хегсет на Азија доаѓа веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп најави продолжување на тестирањето на нуклеарно оружје по пауза од повеќе од три децении, што беше протолкувано како предупредување до Кина и Русија.