Македонија

Перински: Опозицијата го кочи Законот за локална самоуправа и референдумски отповик на градоначалници

Перински: Опозицијата го кочи Законот за локална самоуправа и референдумски отповик на градоначалници

Во Собранието сè уште не е завршена процедурата за измените на Законот за локална самоуправа, кои меѓу другото предвидуваат можност за референдумски отповик на градоначалници и зајакнување на локалната демократија. Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ изјави дека причината за застојот е недостиг на политичка поддршка од опозицијата.

Перински појасни дека станува збор за системски закон кој е постар од две децении и кој, според него, мора да биде модернизиран за да одговори на современите потреби на општините. За негово усвојување е потребно двотретинско мнозинство и примена на Бадентеровиот принцип.

Тој ги отфрли медиумските толкувања дека измените се поврзани со конкретни политички личности или поранешни градоначалници, нагласувајќи дека реформата има поширок институционален карактер.

„Ова го направивме во корелација со Европската повелба за локална самоуправа. Генериравме реформски пакет кој не се однесува само на отповикот, туку на процеси кои треба да ја зголемат локалната демократија, да обезбедат двонасочна комуникација со граѓаните при креирањето на буџетите и одлуките на советите, како и да ја зголемат транспарентноста. Дополнително, предложивме и изворна надлежност на општините за комуналниот ред“, истакна Перински.

Тој додаде дека Владата го предложила концептот за референдумски отповик во период кога партијата ВМРО-ДПМНЕ имала значителен број градоначалници, со што, како што рече, се покажува дека целта е системско унапредување, а не партиски интерес.

Во однос на процесот на подготовка, Перински истакна дека бил спроведен широк консултативен процес кој траел околу осум месеци низ целата држава, со вклучување на сите релевантни чинители и пратенички групи. Тој додаде дека сите амандмани од опозицијата што се однесувале на овој закон биле прифатени, а останатите биле насочени кон ресорни законски решенија.

И покрај, како што вели, конструктивниот пристап од страна на Министерството, законот сè уште не е донесен. Перински изрази надеж дека ќе има политичка волја за негово усвојување, нагласувајќи дека тоа е во интерес на општините и граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни