„Борбата за повисоки плати не е спринт, туку маратон. Не можеме да зборуваме за безбедност и квалитет, ако првиот услов – парите – е под секое достоинство,“ изјави Иван Пешевски во последното гостување во „Ноќно студио“ на 4TV. Синдикалниот лидер упати жестоки критики до Владата и работодавачите, најавувајќи масовен првомајски протест за плати од кои може да се преживее.
65.000 денари за опстанок, 1.000 евра за достоинствен живот
Пешевски ја соочи јавноста со суровата математика на синдикалната кошничка. Според него, со денешните цени во маркетите, на бензинските пумпи и сметките за струја, преживувањето под 65.000 денари е невозможно.
- Лажен минималец: Платата од 26.000 денари ја нарече „мизерна“ и „социјална помош“, нагласувајќи дека во Македонија платата за нормално работно време во која било дејност не треба да биде под 1.000 евра.
- Профити наспроти контејнери: „Гледаме индустрии со профити од 30, 40, па и 50 милиони евра на завршните сметки, додека нивните работници почнаа да бараат храна по контејнери. Тоа е срамно,“ вели Пешевски.
„Крадби на ангро“: Автопати од милиони и газди со луксузни возни паркови
Синдикалецот направи паралела меѓу поранешните системи и сегашниот хаос во градежништвото. Тој посочи дека цените на инфраструктурните проекти се вештачки напумпани, додека работниците остануваат со празни џебови.
„Порано километар асфалт чинеше милион марки, сега чини 30 милиони евра. Тука на ангро се крадат државата и работниците. Парите завршуваат во џебовите на функционерите и работодавачите кои возат ‘порше’ и ‘панамера’, а не кај оние што го градат патот,“ дециден е Пешевски.
Македонскиот работник не е непродуктивен, туку е гладен!
Пешевски ја отфрли тезата на работодавачите дека домашните работници не се продуктивни. Според него, продуктивноста е директно поврзана со платата и мотивираноста.
- Неправедна споредба: „Зошто функционерите си ги зголемија платите на 2.000, 3.000 или 5.000 евра, а за работникот велат дека 26.000 денари се доволни? Пробајте вие да бидете продуктивни со тие пари,“ порача тој.
- Егзодус на трудот: Ако пазарот не постигне рамнотежа, Македонија ќе се соочи со „бели штрајкови“, масовна невработеност и целосно напуштање на државата.
На улица за Први мај: Протестен марш од Работнички дом до Владата
Синдикатот на градежништво и Сојузот на синдикати (ССМ) го започнуваат својот протестен марш во петок, на 1-ви мај во 11 часот. Рутата е јасна: од Работнички дом, преку Собранието и Стопанската комора, до Владата.
„Не бараме плати предвреме, ги бараме затоа што инфлацијата веќе ни ги изеде. Додека цените на светските берзи паѓаат, кај нас сè поскапува. Нема веќе пружање рака за милостина, бараме достоинство,“ заклучи Пешевски во најавата за протестот.
