Коментирајќи го отвореното писмо од претседателот Володимир Зеленски објавено на 4 јуни вечерта во кое се предлага лична средба со Владимир Путин, прес-секретарот на рускиот претседател Дмитриј Песков повтори дека украинскиот лидер може да дојде во Москва.
„Зеленски може да дојде во Москва во секое време. Претседателот Путин рече дека ако Зеленски сака да разговара, може да дојде во Москва и да го стори тоа“, рече Песков.
Тој, исто така, објави дека Путин сè уште немал можност да го прочита писмото, но Кремљ, според прес-секретарот, го прочитал апелот. „Да, го видовме. Тој (Зеленски) го објави за време на претседателскиот настан. Претседателот сè уште немал можност да го прочита. Јас имав“, објасни Песков, додавајќи дека Путин ќе биде информиран за писмото на Зеленски.
Во своето обраќање, украинскиот претседател даде конкретни предлози: прекин на огнот по целата линија на фронтот и лична средба со Путин на неутрална територија. Москва претходно постојано ја отфрлаше оваа идеја, поканувајќи го Зеленски да дојде во Москва. Киев, како одговор, ја истакна апсурдноста на таквата иницијатива.
„Украинскиот лидер нема работа во вашиот главен град, исто како што рускиот лидер нема работа во Киев“, нагласи Зеленски во писмото. Тој, исто така, предложи размена на затвореници „сите за сите“, враќање на евакуираните цивили и деца и ја забележа замореноста на руското општество од тековната војна, посочувајќи ги економските тешкотии во Русија, вклучително и недостигот на бензин и зголемувањето на цените.