Денешната македонска политичка сцена доживува драматичен кадровски и интелектуален пад, каде што сериозните државнички капацитети се заменети со партиски импровизации, авторитарно управување и понижувачка реторика кон граѓаните. Оваа остра критика ја изнесе поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во интервју за Телевизија 24.
Правејќи паралела меѓу почетоците на независноста и денешната состојба, Петковски потсети на составот на првата експертска влада од 1991 година.
„Во првата македонска влада речиси 40 отсто од министрите беа академици, членови на МАНУ, експерти со докажан општествен интегритет како Цветан Грозданов, Блаже Ристовски и други. Погледнете кои се денес министри во владите – сосема случајни луѓе без никаков професионален или политички бекграунд. Нема веќе градење и профилирање на политички кадар. Наместо напредок, сведоци сме на ретрограден процес и целосна интелектуална инфериорност“, вели Петковски.
Тој се осврна и на актуелниот начин на комуникација на власта, остро критикувајќи ги погрдните етикетирања на политичките неистомисленици.
„Недозволиво е премиер на една држава да излегува во јавност и своите сограѓани или опоненти што не го поддржуваат да ги нарекува ‘општествено дно’ или ‘глодари’. Јас спаѓам во групата што не ја поддржува оваа власт, но премиерот е премиер на сите и мора да има елементарна култура. Таквото однесување е резултат на преголема власт, неограничена ароганција и самобендисаност без каква било институционална контрола“, нагласува тој.
Според Петковски, во земјата е воспоставен авторитарен модел каде премиерот делува како „министер, градоначалник, директор на претпријатие и портпарол“, додека министрите воопшто не смеат да се појават во јавноста и да заземат став.
Како еден од главните генератори на ваквата кадровска криза, поранешниот собраниски спикер го посочи уривањето на образовниот систем преку партиските универзитети.
„Македонија отвори шест универзитети, од кои речиси секоја политичка партија си направи свој за да штанца дипломи и да профилира свои кадри за функции. Државата нема доволно професорски авторитети за еден квалитетен универзитет, а не за шест. Тие полуписмени и недоучени кадри утре треба да нѐ лечат, да оперираат, да проектираат згради и да воспитуваат генерации. Во политиката таквите луѓе не работат за државата, туку исклучиво за партијата“, заклучи Петковски.