Македонија

Петковски открива: Американската амбасадорка Миловановиќ ме убедуваше да влезам во владата на Груевски

Петковски открива: Американската амбасадорка Миловановиќ ме убедуваше да влезам во владата на Груевски

Влегувањето на Новата социјалдемократска партија (НСДП) во владината коалиција со Никола Груевски во 2006 година се случило по директно убедување и посредување на тогашната амбасадорка на САД во Скопје, Џилијан Миловановиќ. Ова го открива поранешниот претседател на Собранието и основач на НСДП, Тито Петковски, во интервју за Телевизија 24.

Петковски сведочи дека по парламентарните избори во 2006 година, каде НСДП настапи самостојно и освои седум пратенички мандати, партијата била клучниот фактор без кој Груевски не можел да состави влада. Преговорите меѓу нив двајца, сепак, влегле во ќорсокак поради одбивањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да прифати социјални политики во владината програма.

„Побарав во рамките на владината програма да се вградат елементи на социјална политика: бесплатно здравство, бесплатно образование, социјални пакети и заштита на сиромашните и работниците. Груевски ми испрати луѓе од Светска банка во седиштето на партијата за да ми објаснат дека тоа не било возможно, бидејќи тој ја застапува десницата. По петтиот или шестиот неуспешен разговор, сфатив дека тој не прифаќа ништо од нас. Си заминав за Грција, го оставив телефонот и за мене приказната беше завршена – решив дека нема да влегувам во влада со таква авторитарна личност“, вели Петковски.

Сепак, пресвртот настанал по интервенцијата на американската дипломатија. Додека бил надвор од земјата, пријател му пренел дека итно го бара американската амбасадорка, по што следувала средба.

„Разговаравме во ресторанот ‘Далматински подрум’. Амбасадорката Миловановиќ ме убедуваше дека ВМРО со Никола Груевски е нешто сосем друго – дека тоа не е национализмот на Љупчо Георгиевски, туку дека станува збор за прагматичен технократ поддржан од САД кој ќе ја води земјата во поинаква насока, а владата ќе биде составена од успешни бизнисмени. Ми беше чудно што истите оние што претходно не ми дозволија да станам претседател, сега ме молеа да поддржам влада на оние што ми го зедоа мандатот“, открива тој.

Петковски заклучува дека набрзо по формирањето на кабинетот станало јасно дека станувало збор за целосно погрешна проценка.

„Кога подоцна го видовме составот на владата, со случајни луѓе и аматери донесени од улица за министри, сфатив дека сето тоа било една голема илузија и измама“, нагласува поранешниот собраниски спикер.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни