Пет лица се повредени во сообраќајката кај село Мартолци, општина Чашка.
– Во 19:15 часот во СВР Велес била пријавена сообраќајка, која вечерва се случи кај село Мартолци во Општина Чашка. Во сообраќајката има петмина повредени, возачите на двете возила и тројца сопатници од возилото „пежо“. Сообраќајката била меѓу возило „матиз“ со охридски регистрески таблички, управувано од 29-годишниот Н.К. од Општина Чашка и возило „пежо“ управувано од Н.Д. од село Богомила, информира за МИА Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.
Од петмината повредени, тројца се транспортирани во Велешката општа болница.
-Сите тројца се вон животна опасност и поминале со полесни повреди, изјави д-р Елена Коцевска од Брза помош, која била на укажување на медицинска помош. Повреден е еден од возачите и еден совозач и едно лице кое седело назад во возилото „Пежо“. Едниот повреден е со контузија на натколеница и повреди на главата и посекотини. Останатите двајца се со повреди на главата и посекотини.
По укажаната прва медицинска помош од екипата на Брза помош од Велес, сите тројца повредени вон животна опасност се однесени на рентгенско снимање и укажување на друга неопходмна медицинска помош во Ургентниот центар при Хирушкото одделение на Велешката општа болница.
Портпаролот Самарџиев појасни дека увид на местото на несреќата извршила екипа на СВР Велес.