Петмина припадници на турските вооружени сили загинале при пад на воен хеликоптер AC-532 за време на тренажен лет во покраината Ескишехир, соопшти турското Министерство за одбрана.
Хеликоптерот се урнал по полетувањето од Ескишехир. Причината за несреќата засега не е позната.
Од Министерството потврдиле дека загинале сите петмина војници што биле во леталото и изразиле сочувство до нивните семејства.
Хеликоптерот паднал во рурална област, на околу 25 километри од центарот на Тепебаши. На местото биле испратени пожарникари од Ескишехир и екипи на Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби – АФАД.
Ова е втора несреќа со турски воен хеликоптер во период од 12 дена. На 12 ноември четворица војници загинаа при пад на хеликоптер S-70 во источната покраина Малатија. Причината за таа несреќа сè уште не е позната.