Македонија

Петровска на НАТО Конференцијата за комуникатори: Комуникацијата е клучна. Потребно е нашите 1 милијарда граѓани да знаат дека Алијансата, преку сојузничкото единство, решителност и цврстите принципи ја гарантира безбедноста на секој од нив

Петровска на НАТО Конференцијата за комуникатори: Комуникацијата е клучна. Потребно е нашите 1 милијарда граѓани да знаат дека Алијансата, преку сојузничкото единство, решителност и цврстите принципи ја гарантира безбедноста на секој од нив

„За нас, комуникацијата е клучна. Нам ни е потребно пораките на НАТО да допрат до сите. Потребно ни е граѓаните на светот да знаат дека пред се веруваме во мир, но дека сме цврсто решени да го заштитиме нашиот суверенитет, нашите демократии и нашата слобода. Потребно ни е нашите 1 милијарда граѓани да знаат дека Алијансата, преку сојузничкото единство, решителност и цврстите принципи ја гарантира безбедноста на секој од нив“, им порача на НАТО комуникаторите министерката Славјанка Петровска на денешното отворање на Конференцијата за комуникатори на Алијансата, чиј домаќин оваа година е Северна Македонија.

 

Министерката истакна дека ширењето на лаги е секогаш најлесниот пат по кој може да се допре до јавноста и да се влијае врз неа, а ефектите од тие лаги се  погубни и дека огромна е одговорноста на НАТО комуникаторите во оваа војна да ја извојуваат победата на вистината, праведноста и трајните цивилизациски вредности.

„Вие, нашите НАТО-комуникатори, држите еден од четирите инструменти на моќ во вашите раце  Во вашите раце се информациите и ракувањето со нив е од огромно значење. Секој од вас присутен овде, а ве има од сите сојузнички земји, треба беспрекорно да ја заврши својата улога за на крај заеднички уште еднаш да докажеме дека НАТО, 73 години по неговото основање, останува најмоќната Алијанса водена од вистинските вредности–а тоа се  индивидуалните слободи, демократијата, човековите права и владеењето на правото “, подвлече министерката.

Во однос на националните капацитети за стратегиски комуникации и справување со дезинформации, министерката истакна дека во последните години државата прави значајни позитивни чекори зашто е јасно дека нема вистинска европска демократија без слобода на говор, слобода на медиуми, без отчетни и транспарентни институции и без добро владеење.

„Веќе трета година по ред Министерството за одбрана е прогласено за најтранспарентна институција во земјата, а од оваа година во резултатот ни се придружи и Владата како институција со 100 процентна активна транспарентност. Знаеме колку е важно да ги заштитиме националните интереси и безбедноста на секој наш граѓанин, но знаеме и дека е подеднакво важно да одговориме на секое прашање од интерес за јавноста бидејќи тоа е најдоброто оружје против лажните вести“, рече Петровска.

Министерката се осврна и на развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста, кој ќе добие дополнителни функции и одговорности, особено во областа на спротивставување на лажни вести и дезинформации.

„Со помош на НАТО, овој Центар ќе стане додадена вредност на Алијансата во целина, и голема предност што ќе биде од корист за нашата колективна потрага по вистината“, истакна министерката.

На отворањето на Конференцијата се обрати и премиерот Ковечевски, кој истакна: “Како НАТО членка, посветено придонесуваме кон колективната безбедност. Тоа е видливо преку помошта и поддршката за Украина, воените вежби Брз одговор 22 или Блесок 22 итн. Но воените и политичките активности се тесно врзани со нивната комуникација и со умешноста истите да ги доближиме што поблиску и што поточно до граѓаните. Од комуникациите и од нашата отвореност зависи дали и како граѓаните ќе разберат на кои начини работиме секојдневно на зачувување на нивната безбедност. Иако во безбедносните кругови понекогаш преовладува мислата дека кога во јавноста нема дискусија за безбeдноста, значи дека безбедноста си ја врши работата, сепак јас лично не се согласувам со таа теза. Сметам дека во ерата на дезинформациите и хибридните напади, токму стратешките комуникации имаат најважна улога во борбата и доспевот на точните и проверени информации до граѓаните, наспроти дезинформациите чија цел е да внесат немир и страв.”

Помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, порача: „Сите ние треба да разбереме дека континуираното инвестирање и градење на силна способност за стратешки комуникации е клучно. Таа е исто така способност како што се и останатите одбранени способности, но и повеќе од тоа“.

Таа додаде дека како комуникатори треба да им кажеме на нашите граѓани и на медиумите како ги заштитуваме нашите една милијарда луѓе, колку сме ние силни и обединети.

„НАТО е силно и е тука да заштитува“, рече Браже.

На денешното отворање на конференцијата видео обраќања имаа и врховниот командант на сојузничките сили за Европа, генералот Кристофер Каволи  и врховниот командант на сојузничките сили за трансформација, генералот  Филип Лавињ.

НАТО Конференцијата за комуникатори е најголемата годишна конференција за комуникатори во Алијансата. Годинава, домаќин на Конференцијата е Северна Македонија, а на истата учествуваат околу 300 лица. Во рамки на Конференцијата организирани се неколку панели посветени на стратегиските комуникации, на што ќе претходат неколку работни групи во оваа област. Стратегиските комуникации и оваа годишна Конференција на комуникатори се високо на агендата и на НАТО Алијансата и на Министерството за одбрана, водени од истите вредности – демократијата, отвореноста и транспарентноста, медиумските слободи и доброто владеење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни