Македонија

ПЕТРОВСКА СО ПОРАКА: Останувам дел од партијата, никој не може да ми забрани да се однесувам како вистински социјалдемократ

ПЕТРОВСКА СО ПОРАКА: Останувам дел од партијата, никој не може да ми забрани да се однесувам како вистински социјалдемократ

Славјанка Петровска останува во пратеничката група на СДСМ, но порачува дека нема да отстапи од своите ставови и барањето за промени во партијата.

Славјанка Петровска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека, и покрај разрешувањето од функцијата заменик-координатор на пратеничката група на СДСМ, останува дел од партијата и ќе продолжи активно да дејствува во рамките на пратеничката група.

Таа нагласи дека ќе ги исполнува обврските што ќе ѝ бидат доверени, но дека тоа нема да влијае врз нејзините лични ставови и политички убедувања.

„Јас ќе продолжам во рамките на пратеничката група. Ако раководството има некои други намери или други цели, тоа може да го соопшти. Меѓутоа, јас сум била, сум и ќе останам дел од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, без оглед на тоа дали на некој му се допаѓа или не“, изјави Петровска.

На прашањето дали стравува од можноста за целосно исклучување од партијата, таа рече дека никој не може да ѝ забрани да се чувствува, да дејствува и да се однесува како вистински социјалдемократ.

Петровска воедно оцени дека во СДСМ расте поддршката за промени и за процес на демократизација на партијата. Според неа, наместо да се водат расправи за тесни разлики во бројот на гласови, партијата треба да се фокусира на идеите, идеологијата и политиките со кои ќе настапува пред граѓаните.

„Пратеничкиот мандат е даден од граѓаните“

Осврнувајќи се на можноста раководството на СДСМ да побара од неа да се откаже од пратеничкиот мандат, Петровска истакна дека мандатот произлегува од волјата на граѓаните и дека за евентуална таква одлука би требало да се помине соодветната партиска постапка.

Таа упати и критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и кругот околу него, оценувајќи дека продолжувањето на внатрепартиските расправии ја троши енергијата на партијата и го оддалечува фокусот од суштинските политички прашања.

„Во политиката никогаш не разговарате и не се фокусирате на еден човек, се фокусирате на идеи, особено кога сте дел од раководство, имате одговорност за тоа. Се фокусирате на идеи, на идеологија и таа идеологија да преовлада, вашата идеологија да преовлада и да победите на изборите“, порача Петровска.

Таа предупреди дека продолжувањето на ваквите внатрепартиски конфликти претставува губење време, додека, според неа, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува без сериозен политички предизвик од опозицијата.

Изјавите на Петровска доаѓаат во период на засилени внатрепартиски несогласувања во СДСМ, во кои прашањата за демократизацијата, насоката на партијата и одговорноста за политичките резултати стануваат сè поизразени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио во Славјанка Петровска 22.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни