Македонија

Петровска за семејното насилство во Центар: Најопасната реченица е „не се мешај, маж и е“!

Петровска за семејното насилство во Центар: Најопасната реченица е „не се мешај, маж и е“!

Актуелната пратеничка во Собранието и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, преку емотивна и остра објава на социјалните мрежи реагираше на бруталниот случај на семејно насилство што се случи на подрачјето на Центар, а кој ја вознемири македонската јавност.

Петровска посочи дека особено ја потресле снимките и сведоштвата од очевидци поврзани со насилството врз жената, предупредувајќи дека најголемиот пораз за заедницата е општествената нормализација на ваквите девијантни појави.

„Ако пред очи на луѓе жена е тепана и давена, а од околината стигнува реченица од типот ‘маж ѝ е, што сака нека ѝ прави’, тогаш проблемот не е само во насилникот. Проблемот е и во страшната нормализација на насилството“, децидна е Петровска.

Ниту една жена не смее да остане сама

Таа децидно нагласува дека ниту еден маж нема право да понижува, тепа, дави, контролира или заплашува жена, додавајќи дека како општество имаме должност да направиме ниту една жртва да не се почувствува осамена во својата борба.

Пратеничката потсети дека Македонија располага со силен Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Поради тоа, институциите, а пред сè Министерството за внатрешни работи (МВР), имаат законска и морална обврска да постапуваат брзо, одлучно и без какви било компромиси секогаш кога постои сомнеж за семејно или родово базирано насилство.

Насилството не е приватна работа – пријавувајте на 192 и 112!

Упатувајќи директен апел до јавноста, Петровска ги повика граѓаните активно да бидат очите и ушите на системот и веднаш да реагираат доколку забележат насилство. таа потенцираше дека семејните конфликти со физичка пресметка не се „приватни проблеми“, туку сериозно кривично дело.

„Најопасната реченица во едно општество е: ‘Не се мешај.’ Напротив, мора да дејствуваме. Мора да пријавиме. Мора да се спротивставиме. Бидејќи молкот го штити насилникот“, порача поранешната министерка.

На крајот од својата објава, таа повика на воспоставување на апсолутна нулта толеранција кон семејното насилство, итна институционална разрешница за сите вакви случаи и системски посилна заштита и поддршка за жените и децата кои секојдневно се соочуваат со страв, закани и агресија во сопствениот дом.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни