За користење на услугата бањско – климатска рекреација за пензионерите Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, , ги повикува заинтересираните лица- корисници на пензија, да се јават за користење на услугата бањско – климатска рекреација.
Oваа услуга може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување кои што Република Македонија ги применува, а кои живеат на територијата на Република Македонија.
Услугата може да се користи еднаш, во периодот од март до ноември 2019 година, во траење од 7 дена. Услугата бањско – климатската рекреација опфаќа: – 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), – Бањска терапија, – Еден задолжителен здравствен преглед и – Трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во која ќе се користи услугата бањско – климатска рекреација (трошоците за превоз ќе бидат дозначени на трансакциската сметка на корисникот на пензија по користење на услугата).
Лицата – корисници на пензија, кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило, имаат право на придружник за време на бањско – климатската рекреација. Услугата бањско – климатска рекреација, се остварува во правни лица, регистрирани за вршење на услуга за бањско – климатско лекување, со кои Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ќе склучи договор. Услови за користење на услугата и бодирање: Услугата може да ја користат корисници на пензија, чиј износ на пензијата за ноември 2018 година изнесувал до 17.000 денари.
За користење на бањско – климатската рекреација, потребно е да се поднесе Барање до филијалите и деловниците на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава Филијалата/Деловницата на Фондот на ПИОМ.
Барањата можат да се поднесат од 16-ти јануари до 15-ти февруари 2019 година. Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе го известат подносителот на барањето за установата во која ќе биде упатен и периодот на користењето на услугата. Списоците на корисниците на пензија на кои им е одобрено користење на услугата бањско – климатска рекреација, ќе бидат објавени во филијалите и деловниците на Фондот на ПИОМ, како и на веб- страницата на Министерството за труд и социјална политика: www.mtsp.gov.mk и на веб- страницата на Фондот на ПИОМ: www.piom.com.mk.