Планинарскиот дом „Копанки“ на Пелистер кој пред шест години изгоре до темел сега преминува во сопственост на Општина Битола. Со ова локалната самоуправа одлучи решението со кое е легализиран домот во 2015 година, делумно да го поништи во делот каде Здружението „Пелистер“ е впишано како сопственик на „Копанки“ и да го врати на државата, а потоа општината да побара да стопанисува со него. Но, од ПСК „Пелистер“ не се согласуваат со ваквата одлука.
„Ќе поднесеме жалба до надлежните институции и се надеваме дека жалбата ќе наиде на разумно решение на Министерството за транспорт и врски, а ако дојде до судски епилог ќе се надеваме на судска правда“, изјави Диме Попов – претседател на ПСК „Пелистер“.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека актуелната власт како опозиција гласала за легализација и утврдување на сопственоста на планинарскиот дом.
„Дали крајната цел е приграбување на Копанки од страна на лице кое близок роднина на висок функционер од локалната власт. Битолачни ги знаат одговорите на сите овие прашања“, изјави Иванчо Тошевски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ Битола.
Од актуелната власт велат дека тие никогаш не гласале за приватизација на планинарскиот дом.
„Копанки во овој момент е приватизиран, ние немаме намера да го приватизираме. Ние имаме намера брзо да го изградиме и да остане планинарски дом. Имаме намера веднаш по завршување на постапката да го побараме од државата и да биде општински имот и имаме намера цените во него да бидат пристојни и достапни за сите граѓани“, изјави Валентин Груевски – претседател на Советот на Општина Битола.
Обнова на „Копанки“ имаше ветено и екс-градоначалникот Владимир Талески, но тоа не се случи. И актуелната градоначалничка Наташа Петровска во својата програма предвидува повторно градење на домот, а рокот за тоа е 2019. година. Минатата година, Петровска ја побара сопственоста врз домот со што вети 100.000 евра за реконструкција, но здружението не ја прифати понудата. По што сами започнаа да го градат планинарскиот дом, со донации од поединци и фирми.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ