Македонија

Пленковиќ и Мицкоски добија признанија за придонес во регионалната бизнис соработка

Пленковиќ и Мицкоски добија признанија за придонес во регионалната бизнис соработка

Во рамки на посетата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Македонија, претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија, Бранко Азески, им врачи признанија на Пленковиќ и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за нивниот придонес во регионалната бизнис интеграција и економска соработка.

Наградите беа доделени во рамки на заедничка средба меѓу бизнис-заедниците од Македонија и Хрватска, при што Азески истакна дека признанијата претставуваат благодарност за континуираната поддршка што двајцата премиери ја даваат за продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и отворање нови можности за компаниите од регионот.

Според Комората, Пленковиќ како лидер на земја-членка на Европската Унија активно придонесува за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, преку пренесување искуства, стандарди и добри практики. Како значаен чекор беше посочена и одлуката на Хрватска за овозможување долгорочни визи за професионалните возачи, со што се олеснува нивниот престој во шенген-зоната.

За Мицкоски, Азески оцени дека преку економските реформи, поддршката на приватниот сектор и подобрувањето на инвестициската клима, активно работи на позиционирање на Македонија како сигурен економски партнер и атрактивна дестинација за инвестиции.

Во своето обраќање, Азески нагласи дека признанијата се доделуваат како потврда за долгогодишната посветеност на двајцата политички лидери кон развојот на економската и регионалната соработка.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни