Предметот „Хотел Изгрев“, кој повеќе од една деценија се водеше пред судовите, доби правосилна завршница. Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје со која обвинетите беа ослободени од вина, а во делот за кој настапила застареност донесе одбивателна пресуда.
Од Апелациониот суд информираат дека второстепената пресуда со КОКЖ 38/26 е доставена до Основниот кривичен суд Скопје, а се однесува на предметот КОК 127/24, познат како „Хотел Изгрев“.
Второстепениот суд постапувал по жалба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесена против пресудата за обвинетите Д.М. и Ѓ.М. од Струга и Д.С. од Скопје, кои беа обвинети за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Апелациониот суд ја одбил жалбата на Обвинителството како неоснована и ја потврдил ослободителната пресуда за обвинетиот Д.С. Во однос на обвинетите Д.М. и Ѓ.М., пресудата е преиначена така што обвинението е одбиено поради застареност на кривичното гонење, согласно член 367 точка 6 од Законот за кривична постапка.
Од Кривичниот суд посочуваат дека станува збор за сложена судска постапка која започнала уште во 2009 година. Во текот на 16 години биле донесени повеќе првостепени пресуди, кои по жалби на странките и одлуки на повисокиот суд биле укинувани и враќани на повторно разгледување.
Постапката се водела според процесниот закон што важел во периодот кога била започната, а кој не предвидувал ограничување на бројот на укинувања на првостепените пресуди и враќање на предметот на повторно одлучување.
Со последната одлука на Апелациониот суд Скопје, предметот „Хотел Изгрев“ станува правосилен.