Министерството за внатрешни работи (МВР) објави јавен повик за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште – Полициска академија „7 Мај“ за учебната 2026/2027 година. Со оваа одлука, по пауза од 26 години, во државата се возобновува средното полициско образование. Последната генерација ваков кадар матурираше во 2000 година во тогашниот Центар „Елисие Поповски-Марко“.
Новата генерација ќе се школува под мотото „Облечи ја униформата со гордост!“. Наставата ќе се реализира во рамки на Центарот за обука на МВР во Идризово, каде што учениците ќе следат стручна и општообразовна настава и ќе престојуваат во интернат. Голема предност на овој конкурс е што по успешното завршување на четиригодишното образование и државната матура, МВР на сите матуранти им обезбедува сигурно работно место како полицајци.
Услови за пријавување и потребни критериуми
Право на упис имаат учениците кои веќе имаат завршено втора година во кое било четиригодишно средно училиште во земјата.
Општи и посебни услови:
- Да е државјанин на Република Северна Македонија.
- Да нема навршено 18 години на денот на објавување на повикот.
- Активно да го користи македонскиот јазик.
- Да е здравствено и психофизички способен (со лекарско уверение од лиценцирана установа).
- Општиот успех од прва и втора година средно образование да биде најмалку „добар“.
- На ученикот да не му биле изрекувани педагошки мерки во претходното училиште.
Процес на селекција и бодирање
Селекцијата на кандидатите ќе ја спроведе посебна комисија формирана од министерот за внатрешни работи. Процесот ќе се одвива во три фази, при што секоја фаза носи одреден број бодови:
- Проверка на моторички способности
- Писмено тестирање (тест по општообразовни предмети)
- Поединечно интервју
Врз основа на вкупниот број освоени бодови, Комисијата ќе изготви конечна ранг-листа која ќе биде објавена на огласната табла на училиштето и на веб-страницата на МВР.
Рокови и начин на поднесување пријави
Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена. Пријавата (која се презема од повикот на МВР) ја поднесува родителот или старателот на кандидатот заедно со потребните документи.
Пријавите се доставуваат лично во:
- СВР Скопје (во полициските станици Гази Баба, Бит-пазар или Карпош);
- Секторите за внатрешни работи во: Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.
Целиот процес на селекција треба да заврши до средината на август (околу 15-20 август), по што примените ученици ќе имаат време да ги завршат административните обврски за отпишување од претходното училиште и упис во „7 Мај“.
Новото училиште е формирано со владина одлука и се заснова на Законот за средно полициско училиште, донесен во август минатата година со цел да се надмине долгогодишниот недостиг од формално средно полициско образование.