По случајот со врсничко насилство во основно училиште во скопската општина Ѓорче Петров, Министерството за образование и наука најави засилени мерки за подобрување на безбедноста во училиштата и поголем надзор за време на одморите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека Министерството постапува согласно законските надлежности, а случајот веќе е пријавен во Државниот просветен инспекторат.
Таа информираше дека МОН дополнително испратило допис до градоначалниците и до училиштата, со кој се бара повторно воведување на пракса што постоела во минатото – за време на големите и малите одмори да има дежурни наставници, наместо дежурни ученици.
Според Јаневска, наставниците треба активно да водат сметка за случувањата во училиштните ходници, дворовите и другите простори, со цел навремено да се спречат инциденти и несоодветно однесување.
„Тоа што се случило надвор од училиштето не е оправдување. Тоа се ученици на одредено училиште и наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици, затоа што тоа е воспитно-образовен процес“, изјави министерката.
Таа додаде дека со дописот дежурните наставници се задолжени да бидат на видно место, за нивното присуство да може да биде констатирано и при евентуални контроли од Државниот просветен инспекторат.
Јаневска изрази надеж дека мерката ќе даде позитивни резултати и ќе придонесе за намалување на врсничкото насилство.
Воедно потсети дека училиштата имаат обврска да постапуваат и согласно прирачникот за справување со врсничко насилство, како и согласно законските прописи.
„Градоначалникот, директорот и наставниците треба да си ги спроведат своите обврски така како што е пропишано. МОН го прави тоа што треба да го направи“, рече Јаневска.
Министерката ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.
