Младата докторка тешко повредена во сообраќајна несреќа во Сараево на 26 мај, во која несовесен возач на лице место ја усмрти нејзината пријателка, почина во Сараевскиот клинички центар.
„Нејзиното прерано и трагично заминување е голема загуба за Здравствениот дом Зеница и за нашите пациенти“, е пораката што ја објави Здравствениот дом Зеница каде Алма Суљиќ (26) била вработена како докторка на педијатриското одделение.
Таа се здобила со повреди опасни по живот кога заедно со нејзината пријателка Азра Спахиќ (25) и уште една девојка биле прегазени од автомобил со голема брзина од млад човек кој подоцна бил идентификуван како Армин Берберовиќ. Спахиќ, исто така лекарка кој работела во еден од здравствените центри во Сараево, починала на лице место.
Несреќата се случила во центарот на градот, а истрагата утврдила дека Берберовиќ возел со голема брзина и притоа изгубил контрола над возилото и излетал на тротоарот каде во моментот биле трите девојки.
Берберовиќ е уапсен и сега е во притвор во очекување на обвинение и судење, а во изјавата во полиција ја призна вината за несреќата.
Настанот предизвика масовни протести во Сараево каде граѓаните побараа дополнителни безбедносни мерки за да се спречи брзо возење и трки со акробации. Од тогаш сообраќајната полиција во Сараево го засили следењето на патиштата во градското подрачје, особено на брзината на возилата.
