Почина спортскиот новинар и коментатор Сами Адеми

Македонската спортска јавност остана без едно од своите најпрепознатливи имиња. Почина новинарот и долгогодишен спортски коментатор Сами Адеми, чиј глас со децении беше препознатлив белег на фудбалските натпревари на националната репрезентација.

Веста за неговата смрт ја сподели Фудбалската репрезентација на Македонија, истакнувајќи дека Адеми „заминал тивко, како што знаат да заминат големите“, оставајќи зад себе богато професионално наследство.

Се вчитува...

Адеми беше хроничар на едно значајно време во македонскиот спорт. Преку својата работа, најчесто поврзана со МТВ 2, тој не само што известуваше, туку и активно учествуваше во создавањето на спортската атмосфера, пренесувајќи ги емоциите од стадионите до гледачите.

Колегите и љубителите на спортот го паметат како посветен професионалец, кој беше присутен и во моментите на најголеми успеси, но и во најтешките периоди за репрезентацијата. Неговото име останува запишано меѓу доајените на спортското новинарство во земјава.

Смртта на Сами Адеми претставува голема загуба за македонското новинарство и спортската сцена. Неговиот глас и страст кон спортот ќе недостигаат.

Погребните детали засега не се соопштени.