Македонија

Почина уште едно обвинето лице за трагедијата во Кочани – ОЈО ќе издаде наредба за обдукција

Почина уште едно обвинето лице за трагедијата во Кочани – ОЈО ќе издаде наредба за обдукција

Уште едно лице опфатено со обвинението за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ почина, потврдуваат извори од одбраната за 4NEWS.mk.

Станува збор за Љупчо Грнчиштанов, кој имаше 54 години и беше еден од обвинетите во предметот поврзан со пожарот во кој на 16 март загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Грнчиштанов во периодот од 15 јануари 2013 година до 16 март 2025 година ја извршувал функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во рамки на судскиот предмет за трагедијата во Кочани, тој беше обвинет за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Според достапните информации, Грнчиштанов поминал 77 дена во ефективен притвор, по што речиси 14 месеци бил во куќен притвор.

-Јавното обвинителство е известено за смртта на обвинетиот и ќе издаде наредба за обдукција, велат од ОЈО.

Предметот беше оформен во периодот кога со Јавното обвинителство раководеше поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој во меѓувреме поднесе оставка. Обвинението на судските рочишта го застапуваат обвинителите Борче Јанев, Дарко Јакимовски и уште 13 јавни обвинители.

Според информациите од ОЈО обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови.

Ова е втор случај во кој лице поврзано со постапките за трагедијата во Кочани починува додека траат истрагите.

Претходно почина и Владо Петров, пензиониран полициски службеник и еден од осомничените во истрагата поврзана со пожарот во „Пулс“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни