Клиентите на Алта банка во Србија од утринава можат да закажуваат термини за подигнување на средствата од осигурените депозити, откако Поштенска штедилница го стави во функција порталот наменет за оваа постапка.
Преку интернет-страницата на банката, клиентите ќе можат да изберат термин за исплата, која според најавите треба да започне утре, 13 ноември. Поштенска штедилница ќе ја спроведува исплатата во име и за сметка на Агенцијата за осигурување на депозити.
Право на обесштетување имаат физичките лица, претприемачите, како и микро, малите и средните правни лица, во рамки на законскиот лимит од 50.000 евра по депонент.
Исплатите ќе се вршат на локации утврдени според поранешната мрежа на Алта банка, која имала 19 експозитури – седум во Белград и 12 во други градови. Дополнително, ќе бидат искористени и капацитетите на Поштенска штедилница во местата каде што има потреба од поголем обем на услуги.
За да ги подигнат средствата, клиентите треба да приложат важечка лична карта или пасош, како и оригинален документ поврзан со сметката или депозитот во Алта банка. Истата документација за депозитот треба да ја обезбедат и претприемачите и правните лица кои имаат право на исплата.
Доколку клиентите сакаат средствата во евра да ги префрлат на сметка во друга домашна банка, потребно е да ги достават и банкарските инструкции за сметката на која треба да се изврши трансферот.
Крајниот рок за поднесување барање за исплата на осигурените депозити е 3 ноември 2029 година.
Порталот за закажување термини е достапен на официјалната интернет-страница на Поштенска штедилница: www.posted.co.rs.