Под лупа Roblox, Minecraft, Fortnite и други – барања за заштита на малолетници

Австралискиот регулатор за е-безбедност побара од платформите за онлајн игри, вклучително и Roblox, Minecraft, Fortnite и Steam, да дадат детални објаснувања за тоа како ги штитат децата од сексуална злоупотреба и радикализација.

Регулаторот издал правно обврзувачки барања кои се однесуваат на безбедносните системи, модерацијата, персоналот и примената на сајбер-протоколи, со предупредување дека непочитувањето може да доведе до казни и граѓански постапки, пренесува Ројтерс.

Комесарката за е-безбедност, Julie Inman Grant, посочила дека онлајн игрите често се првата точка на контакт меѓу децата и потенцијалните сторители, кои потоа комуникацијата ја префрлаат на приватни канали каде контролата е значително потешка.

Таа предупреди дека предаторите и екстремистичките групи ги користат гејминг платформите како социјални простори за да воспостават контакт со деца, вклучувајќи обиди за манипулација, т.н. „груминг“, како и ширење насилни идеологии.

Австралискиот регулатор нагласува дека најголемиот дел од малолетниците во земјата користат онлајн игри, што овие платформи ги прави особено ризична средина. Во меѓувреме, Roblox веќе се соочува со правни постапки и спогодби во САД поради наводи за недоволна заштита на малолетни корисници, како и со десетици тужби поврзани со наводна експлоатација на деца.

Компаниите опфатени со барањата засега не одговориле на повиците за коментар, пренесува Танјуг.