Македонија

Под слоганот „Сите нека знаат“, на 20 јуни ќе се одржи Парада на гордоста во Скопје

Под слоганот „Сите нека знаат“, на 20 јуни ќе се одржи Парада на гордоста во Скопје

Под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“, на 20 јуни 2026 година ќе се одржи овогодишната Парада на гордоста во Скопје. Организаторите најавуваат дека Скопје Прајд годинава доаѓа во време на сериозни политички и општествени предизвици, како на локално, така и на глобално ниво.

Според соопштението на организацискиот одбор, настанот се организира во контекст на воени превирања, климатска криза, инфлација и системска корупција, но и во период на зголемен институционален и јавен наплив на омраза кон ЛГБТИК+ заедницата.

„Исцрпени сме, разочарани и гневни, но одбиваме да прифатиме дека нашите животи се условено дозволени само зад затворени врати. Скопје Прајд останува потребен затоа што условите што ја создадоа потребата за јавно и гласно присуство сè уште постојат“, порачуваат организаторите, потенцирајќи дека нивното присуство во јавниот простор и понатаму е политичко прашање.

Нова и подолга рута за поголема видливост

Годинава Парадата на гордоста доаѓа со изменета и проширена рута, што според организаторите не е само логистичка, туку и политичка одлука со која се испраќа порака дека јавниот простор им припаѓа подеднакво на сите граѓани.

  • 18:00 часот – Собирање на учесниците кај Фонтаната во Градскиот парк.
  • 19:00 часот – Почеток на маршот.

Движење на поворката: Маршот ќе се движи по булеварот „Илинден“, преку улицата „Рузвелтова“, па по булеварите „Партизански одреди“ и „ВМРО“, преку улицата „Димитрије Чуповски“, за крајната точка да биде во паркот „Жена-борец“.

Порака против замолчувањето и стравот

Овогодишниот слоган „Сите нека знаат“ е директен одговор на, како што велат организаторите, тишината што им се сервира како услов за безбедност и прифаќање. Пораката е насочена против системското бришење на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија.

Истовремено, од организацијата укажуваат и на потешкотиите со кои се соочуваат оние припадници на заедницата кои сè уште живеат во страв од последиците доколку околината дознае за нивната сексуална ориентација или родов идентитет.

Безбедноста во координација со МВР

Во однос на безбедносниот аспект, организаторите информираат дека веќе се во редовна координација со Министерството за внатрешни работи (МВР) и полицијата, со цел настанот да помине во најдобар можен ред. Покрај институционалната заштита, тие апелираат и на колективна грижа и солидарност меѓу самите учесници, упатувајќи посебен повик за поддршка до оние кои годинава ќе се приклучат по првпат.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни