Пет нови дигитални платформи со податоци за состојбите во животната средина ќе бидат ставени на располагање на јавноста, најави министерот за животна средина Муамет Хоџа. Платформите ќе опфатат регистар на емисии од сите загадувачи со А-интегрирани еколошки дозволи, мапирање и видео-надзор на дивите депонии, увид во сите проекти на министерството и внатрешна дигитализација на архивата, а паралелно ќе се скратат околу 30 чекори во административните постапки.
„Дигитализацијата е алатка за транспарентност и правда, место каде што завршува неефикасноста на системот и влијанијата на човечкиот фактор. Податоците ќе се користат во борбата против еколошкиот криминал и ќе бидат достапни за сите граѓани“, изјави Хоџа, според новинската агенција Мета.
Првата платформа „Темели“ ќе овозможи граѓаните, медиумите и граѓанските организации да имаат увид во проектите што ги реализира Министерството за животна средина, нивната вредност, рокови, локации и извори на финансирање.
Модулот „Јадро“ се однесува на дигитализација на архивата и на просторно-информативниот систем. Дигиталната архива ќе овозможи електронско следење на предметите, увид во нивниот статус и информација за надлежниот службеник. Овој процес се реализира во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Дигитализацијата на просторно-информативниот систем е завршена и овозможува подобро управување со геопросторните податоци за заштитените подрачја и поголема транспарентност во постапките поврзани со нив.
Преку модулот „Време“, Министерството учествува во реформите за поедноставување на административните постапки за граѓаните и правните лица. Од планираните околу 30 мерки, 15 се опфатени со првата фаза што треба да заврши до крајот на годинава.
Модулот „Земја“ предвидува дигитално мапирање на дивите депонии на ниво на општини, за полесно планирање на средствата и ресурсите за нивно расчистување, како и подготовка за воспоставување регионални центри за управување со отпад. Функционалноста на платформата ќе се разработи преку консултации со граѓански организации, ЗЕЛС и стручната јавност, а реализацијата е предвидена во буџетот за 2027 година. Паралелно, во неколку општини се спроведува пилот-проект за видео-надзор на дивите депонии.
Петтата платформа „Воздух“ предвидува воспоставување дигитален регистар во кој 140 иматели на А-интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за емисиите согласно условите од издадените дозволи. Регистарот е усогласен со Законот за контрола на емисиите во воздухот, кој стапува во сила во септември 2027 година.
Хоџа најави дека секоја од платформите ќе биде поединечно претставена во следниот период, кога и детално ќе им бидат објаснети придобивките за граѓаните, нагласувајќи дека проектот треба да донесе суштински зелен пресврт, а не само формална промена.