Недостиг од 7.813,49 килограми сув цвет од медицински канабис бил утврден при контрола во компанија за одгледување медицински канабис во селото Борисово, општина Ново Село, соопшти МВР. СВР Струмица поднесе кривични пријави против правното лице и неговиот управител В.К.
Контролата ја спровеле полициски службеници заедно со претставници на надлежната комисија при Министерството за здравство, во просториите каде што бил складиран сувиот цвет.
Покрај недостигот од речиси осум тони канабис, биле констатирани и неправилности во документацијата за ангажираниот кадар, како и недостиг од друга задолжителна документација.
Според МВР, компанијата немала соодветна документација ниту докази за потеклото и располагањето со наведената количина.
Пријавите против компанијата и управителот се поднесени поради сомнение за кривични дела според Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Во соопштените информации не е наведено каде завршила количината што недостига.