Поевтинување на горивата во регионот – акцизи намалени и ограничени цени

Сè поголемиот раст на цените на горивата ги натера земјите од регионот да преземат конкретни мерки за заштита на граѓаните и економијата.

Владата на Црна Гора донесе одлука за привремено намалување на акцизата на дизелот за 50 проценти, додека акцизата на бензините ќе биде намалена за 25 проценти. Мерката, како што е најавено, ќе стапи на сила од понеделник на полноќ.

Во меѓувреме, Србија дополнително ја намали акцизата на горивата за 40 проценти, откако претходно веќе беше направено намалување од 20 проценти, со што властите се обидуваат да го ублажат ценовниот удар врз граѓаните.

Покрај тоа, ценовни ограничувања веќе воведоа и Босна и Херцеговина и Хрватска, кои исто така интервенираат на пазарот со цел да се стабилизираат цените и да се спречат нови поскапувања.

Регионалните мерки доаѓаат во период на глобална нестабилност на енергетските пазари, при што владите се обидуваат да го намалат притисокот врз потрошувачите и стопанството.